Friday, July 30, 2010

Саксии

Еден од начините на  чување на растенјата е нивно засадување во садови наменети за тоа или  по нашки саксии . Саксијата за растението претставува вештачка средина  и  тоа не реагира во неа  исто како што би реагирало  доколку би било посадено во земја , во дворот , парковите и сл .  Затоа покрај условите кои треба да му ги обезбедите од типот на вода , светлина , прихрана и почва , потребно е да се обезбеди соодветен сад за растението  . При изборот на саксии треба да помислите на неколку работи освен на онаа на која најчесто луѓето помислуваат а тоа е изгледот и бојата на саксијата и согласувањето со тонот на мебелот . Како саксија може да употребите се и сешто , особено ако сте креативни . Од најпроста стара чинија  или  котле па се до новите глинени порцелански или од  други материјали изработени саксии кои најчесто се и украсувани а со тоа и повеќе чинат .  Кога одбирате саксија прво на што треба да посветите внимание е нејзиниот облик . Саксиите можат да бидат овални округли коцкести поплитки или подлабоки . Обликот на саксијата треба да е прилагоден на коренот на растението за кој треба да имате некоја информација  . Апсурд е  растение со плиток корен да ставате во длабока саксија , а обратното е уште понелогично . Покрај обликот треба да посветите внимание на големината на саксијата со најпросто правило што поголемо растение  , поголема саксија и обратно  . Ако растението е преголемо за саксијата неговите корења ќе излегуваат надвор , а ако не е соодветно прицврстено, може да паѓа и да се скрши , а ако е премало тоа ќе се губи во саксијата . Покрај лошиот естетски изглед што ќе го  има  и послабо ќе напредува . Мое правило за декоративните растенија е кога ќе го ставам растението во саксијата при првиот поглед да доминира  растението со својата големина , а  потоа да следи впечатокот за саксијата .Следно на што треба да помислите е бојата , не во контекст дали ќе одговара на мебелот туку во контекст на местото каде што ќе се наоѓа .Ако растението е на сонце логично е да одберете саксија со посветла боја или бела заради одбивањето на  сончевите зраци и поспорото загревање  . И белата саксија ќе се загрее но многу помалку и за подолго време во однос на црната под услов да се од ист материјал . Материјалот за мене е една од најважните работи кои ги разгледувам кога одбирам саксија . Според својот материјал саксијата може да биде пластична , глинена  , ќерамичка и од разни мешавини (до сега вакви сум сретнала ) .Пластичните  може да бидат со различна дебелина на пластиката и оние со потенка  ги одбирам  само ако  растението го чувам во сенка заради тоа  што многу брзо ја загреваат земјата и ми се случило ако пресадувам растение земјата освен што е влажна  е и премногу топла се до дното што мене воопшто не ми се допаѓа  заради загревањето на коренот . Оние со подебела кои ми ги пофалија се греат поспоро но и поспоро се ладат , па затоа  не ги практикувам за растенија кои се цел ден изложени на сонце туку за оние кои само во утринските часови (до  11 часот) се изложени на сончевите зраци . На овој начин саксијата не се загрева многу .  Глинените можат да се најдат како печени нелакирани , кои освен што тешко се загреваат тие се и порозни .Го впиваат вишокот на вода и од целата површина на саксијата тој испарува .Единствен недостаток е нивното ронење што може да биде голем проблем ако ги чувате во стан , но затоа овие саксии се префектни за растенија кои не се наводнуваат често како на пример кактусите  . Постојат уште еден вид на глинени саксии или барем наликуваат на глинени а и како такви ми ги продадоа однадвор обложени со некаков вид на глазура и фарбани . Истите се порозни но не се ронат и за мене се едни од најдобрите . Единствен недостаток ги нема во мали димензии и многу големи  , може да се најде како средна и малку поголема од средната  . Понатаму не помалку битeн е дренажниот систем .Саксијата мора да има неколку отвори низ кои ќе може да истекува вишокот на вода . Во колку ги нема направете ги сами ако сте вешти или најдете некој да ги направи :) . Од искуство отворите подобро е да се повеќе а помали за да не испаѓа и земјата . Во случај ова да се случува наједноставно  ставете било каква мрежичка на дното . Импровизирајте со износени перлонски чорапи од кои можете да  исечете повеќе парчиња и слични мрежести материјали :)  Кога одбирате саксија водете се од потребите на растението и неговата големина , местото каде ќе го чувате , присуството на сонце , карактеристиките на садот зашто само на тој начин ќе му обезбедите здрав корен ,а со тоа  ќе имате здраво и весело растение .

Глинени саксии

И следните две слики се од глинена саксија  но премачкана со боја и некаква си глазура да не се рони

Сликата подолу е  имрповизирана саксија од глинен печен лакиран сад .

Wednesday, July 28, 2010

Вошки во Љубичица

Ова ми се случи некаде во втората половина на Мај или првата половина на Јуни . Како и да е се ближеше јунска сесија и имав многу за учење .Уште релативно поспана само со едно испиено кафе кое во последно време воопшто и не ме расонуваше  заради премореноста тргнав набрзинка да ги поливам Љубичиците и да му ја летнам на книгата .Ставив вода и кога ја   враќав саксијата во тацната  нешто ми промрда  на цветовите . Тогаш го провртев цветот  и видов дека на неговите прашници и толчници се гоштеват неколку зелени инсектчиња кои по мое си ги нареков вошки . Прв пат во животот видов штетник врз љубичица . отпрвин немав идеја и oдев со помислата да земам инсектицид , но тоа сигурно ќе ги уништеше цветовите, а за листовите исто не бев сигурна бидејќи африканската Љубичица има многу нежни листови . Втората идеја беше да ги истуширам под млаз вода , но и така  секако  ќе го оштетев растението , а излекувањето не ми беше гарантирано . Време за размислување немаше испитот ми висеше над  глава , а и проблемот кој никако не ми идеше да го одложам неговото решавање .Тогаш ми дојде една радикално-генијална идеја , додуша повеќе радикална . Мехначики начин на отстранување .Почнав најпрвин со отстранување една по една а кога видов дека ги има многу и дека се кријат помеѓу прашниците и толчниците и дека го носат она што го испуштаа цветовите како бел поленов прав сфатив дека ако ги  нема цветовите ќе немаат храна и ќе изумрат . Е тогаш заиграа ножиците . Искрено ми беше  криво имаше многу цветови ама  ги отстранив сите до едно . Потоа убаво ги прегледав листовите сега ми беа достапни за преглед и со една пинцета  го отстранив тие што се беа закачиле на листовите , неа беа многу . Љубичицата изгледаше искубано , лито без цветовите .Тогаш ми падна криво ама се убедував дека правилно постапив . И навистина не зажалив . За 3 недели таа повторно пушти пупки .Сега Љубичицата изгледа исто како пред шишањето :)

Monday, July 26, 2010

Авокадо

Авокадото како храна спаѓа во групата на овошја и тоа тропски овошја . Однадвор тоа е плод кој личи на крушка , може да го има во разни големини . Има зелена лушпа која се отстранува при неговото конзумирање . Внатрешноста кога е зрел плодот му е исто така зелена но со посветла нијанса . Ова овошје не содржи големо количество на вода  и со тоа не спаѓа во групата на освежителни овошја . Неговиот вкус е блуткав , помалку благ и воглавно не можете да изедете многу големи количини , некои се откажуваат уште по првиот залак . Овошјето е богато со масни киселини и може комплетно да замени еден цел оброк .  Масните киселини  се незаситени и со тоа не го покачуваат „лошиот “ хлестерол (ЛДЛ) , напротив тие го покачуваат „добриот“ холестерол (ХДЛ) .
Покрај масните киселини содржи витамини од типот на липосолубилните  Е - витамин и К - витамин , а од типот на  хидросолубилните Б витамин  .Содржи и  калиум многу повеќе од бананата .Заради незаситените масни киселини делува позитивно на кардиоваскуларниот систем , витаминот Е  делува како антиоксиданс , а  големото количество на влакна од кои 75 % се нерастворливи во вода имаат позитивно дејство на гастроинтестиналниот систем . Има неколку вида на  дрвја на авокадо , но само мексичката група  може да ја одгледуваме ние заради релативно поголемата издржливост на пониски температури . Заради тешкото оплодување на цветовите ако го  одгледувате во домашни услови најверојатно нема да добиете плод . Но и цветот е доволно атрактивен , а да се има вакво растение дома во саксија според мене е вистински предизивик .

Имам навика секое семче што ќе ми дојде до рака да го ставам во саксија и да видам дали ќе изрти . Иако за плодовите купени од продавница се вели дека не р`тат  бидејќи се собрани незрели овојпат имав среќа . Дури отпосле прочитав како се засадува  . Иако семката беше од плод кој потекнува од продавница сепак успеав да добијам мало растение .  Семката слично како и плодот има крушковидна форма . Јас  кога го засадував бидејки не знаев како да го посадам наједноставно го ставив во надолжна положба . Подоцна на интернет прочитав дека може да се стави  во вода таму да пушти стебленце и ливчиња па потоа да се засади . При ставањето во вода требало да биде само долниот дебел дел а другиот дел да е на суво .А ако вака не изрти и по 3 месеци повторно да се засади за секој случај   Моето семче долго го чекав да никне , околу 6 недели и тогаш се појави едно кафеаво стебленце како црвче кое што секој ден  стануваше се поголемо и поголемо .Сега ги пушта првите листови .Со оглед на брзото растење очигледно е дека нашата клима му одговара ,а за наводнувањето сега за сега е со дестилирана вода . Го наводнувам секогаш кога ќе забележам дека земјата се исушила . Во однос на светлината сега е ставено на директно сонце и одлично се снаоѓа ,а за зимата кога ќе дојде   има топло место за него резервирано уште од сега . Температурата во мојата соба достигнува и 27 степени што ќе му обезбеди одлични услови . Она што ме изненади е брзината на неговото растење . Секој ден ја забележувам промената во големината на стеблото и ливчињата . До денес моето растение е старо околу 14 дена . Почвата која ја употребив е најобична земја за цвеќиња измешана со малку хумус . Со вакво растение  немам искуство а ако ми остане живо како  што  ќе расте ќе можам да ги збогатувам написите .  Во секој случај би сакала да го видам здраво  , живо  и весело и големо .



Сликава подолу е направена пред 3 дена
А следниве се направени денеска :)





* За дел од податоците се послужив со следните сајтови   и на истите можете да ги видите нутритивните вредности на плодот :
http://www.botanix.kpr.eu/mk/index.php?text=1
http://en.wikipedia.org/wiki/Avocado
http://www.avocado.org/nutrition/

Sunday, July 25, 2010

Прошетка на Водно

Одамна не бев отишла на Водно . Можеби немаше уште долго да отидам но фатена помеѓу конечната одлука дека на одмор нема да одам и преголемата желба барем на кратко да се побегне од овие температури сепак тоа е најблиското место кое ми паѓаше на  памет како засолниште .
За денес прогнозата велеше високи 35 степени . Не му ја мислев многу ги спакував моите и  отидовме . Таму не пречека познатата природа со големите дрва од типот на липа , бреза како и зимзелените некои смрекички и борчиња . Изненадувањето допрва доаѓаше . Тргнавме по едно патче кое веднаш се одвојува од лево над паркингот на средно  водно . Тоа порано ни беше омилено патче . По него доаѓавме на една  полјана  која освен жешко сонце немаше ништо , но ако беше пролет таму најчесто го забележувавме качунките и кокичињата кон крајот на зимата . А не беше далеку  таа полјана не требаше многу пеш одење и тоа ни годеше . Уште на почетокот ги забележавме мапите и инструкциите за однесувањето во природа . Беа кратки и јасни , на нив стоеше испишано она што секој човек го знае ама некаде го оставил ,изгубил. .Штом малку залеговме  ги видовме трупците од исечените дрвја кои веќе  беа обраснати со мов и правеа интересни фигури а дел од корењата на дрвата што се простираа позади висеа меѓу овие фигури и  ја дополнуваа сликата .


Не изненадија поставените масички и столчиња на секое проширување на патчето .

Наскоро се одвои едно патче од десно но не тргнавме по него . Претпоставувам дека води кон врвот . Од десната страна забележавме печурки но сепак се врткав кон желадите кои се наоѓаат од левата страна кога одите нагоре . Отсекогаш ми биле примамливи нивните изрецкани листови , а имаше и млади дрва кои најверојатно сами никнале За плодови сеуште е рано .


Малку погоре се одвои за нас добро познатиот пат од  левата страна кој водеше до полјаната . Сместен меѓу високи дрвја брзо го изодевме иако ни годеше дебелата сенка .

Само што излеговме на полјаната не чекаше вистинско изненадување . Полјаната не се препознаваше тоа беше  веќе пошумено место со мали дрва и летниковец од кој  се гледаше дел на Скопје . Младите дрвца беа листопадни  , но имаше и зимзелени .

Некаде на средината сеуште стоеше  едно дрво кое до половина  беше  суво а од пола со листови -живо . Тука беа и дивите цвеќиња и трње кои само го дополнуваа изгледот и беа вистински отисок на природата  . На целото место му даваа див изгледа и се трудеа на секој начин да ја затскријат  „човечката рака „. Така природата чинам покажуваше дека и самата знае да обликува како да се бунтуваше на помошта од човекот иако се гледаше  дека тоа беше неопходно . Претходно цврстата земја од новата вегетација беше ровка .


Местото ни овозможи разладување со лесното ветренце , спокој со шумолењето на листовите а раположението го дополнуваше музикалното инсектче кое татко ми го нарекува жежи-печи .


 После уживањето од околу два часа  и опуштањето на ушните тапанчиња од метежот во Скопје сесимнавме и упативме кон црквата  на средно водно .Отсекогаш сум им се нагледувала на растенијата во малата градина позади црквата , но мислам дека овојпат розите беа по прекрасни од кога и да било .


Од страната лево ако се симнувате по скалите према црквата има  браздичка посадена со растенија и разнобојни цвеќиња  .Босилекот ме плени со неговиот облик , а покрај мене и едно инсектче   не можеше да им одолее на цветовите  . Заносно се вовлекуваше меѓу нивните црвени ливчиња а уште по ошумоглвено излегуваше и  така опијането одеше до другото цветче





Вистинска љубов меѓу цветот и инсектот  :) 

Thursday, July 22, 2010

Украсно пиперче - начин на чување

Како што споменав во еден од моите претходни постови  овде ќе пишуваме за начинот на чување на  Украсното пиперче . Ова растение воопшто и не бара некоја посебна грижа , толку е едноставно а и за кратко време ќе ве награди со своите плодови . Грижата за неговото чување се разликува во зависнот од тоа дали сте го засадиле самите од семче  или сте го купиле како веќе израснато растение .
Најпрво е потребна саксија со добра дренажа. почвата која ќе ја користите  може да биде најобична земја за цвеќе ако решите самите да припремате  измешајте малку хумус  (една -две шаки) со најобична  земја и ќе биде доволно .  Ако се работи за семе  и откако ви изникнало растението тоа е многу кревко . Најдобро ќе биде  откако  ќе  има 10 цм во саксијата да ставите мало дрвце и полека со конче да го врзете ,но никако стегнато . Тоа ќе му даде потпора бидејќи ваквото растение брзо ќе се скрши. Се додека е младо и кревко потребно да го засолнувате од умерен или силен  ветер и дожд зашто и тоа може да доведе до негово кршење .
Можете да го чувате на сонце . Ова растение  сака сонце , но  ако сметате дека деновите  се премногу топли и земјата многу се загрева во најтоплите часови можете на кратко 2-3 часа да го засолните  на место кое не е  изложено на  директно сонце .
Растението покрај сонце сака и вода . Не е  пребирливо во поглед на водата можете слободно да го наводнувате со водоводна вода .Препорачливо е таа да биде отстоена. . Наводнувањето може да биде потребно секој ден особено во топлите месеци за што ќе одлучите врз основа на сувоста на земјата и изгледот на листовите .  Кога растението сака вода веднаш се забележува дека листовите му се навалени (клапнати) . По наводнувањето за  кратко време неполни 15 мин тие ќе се исправат . Во летните периоди наводнувањето се врши тогаш кога саксијата нема да биде топла ( рано насабајле или касно навечер ) Растението може да процвета рано уште првата година кога е кревко зашто исто така треба да се води сметка особено ако дојде до формирање на плод . Плодот ќе биде тежок и може да го скрши. Не го отстранувајте плодот доволно ќе биде да го потпрете некако на веќе поставеното стапче за прицврстување на  растението . Првите цветови му се појавуваат некаде мај- јуни месец и продолжува неговото цветање некаде до септември иако во меѓувреме веќе се формираат плодови .За да се формираат плодовите не е потребна никаква грижа освен да е на отворено каде инсектите или лесното ветре  самите ќе извршат оплодување на цветот .
Од  почетокот на формирањето на плодот тоа се мали зелени топчиња кои полека ќе преминуваат во портокалови и се повеќе  ќе натежнуваат тогаш му е потребно да не се изнесува на силен ветер .
За прихранувње доволно е течно ѓубриво  како за  собни растенија јас користам такво иако можете да користите и  ѓубриво во вид на кристали  ама  со ова треба многу претпазливо бидејќи и мала количина од кристалите  може да го убие растението .
Зимно време на растението му треба топла росторија некаде околу 18 степени отприлика  иако јас го чувам и во потопло и одлично е приспособено . Ако зимно време го чувате како мене  во топло бидејќи немам многу избор може да цвет аи тогаш ама тие цветови ретко или скоро никогаш не преминуваат во плодови.
Со ова растение може  уште додека е младо да се соочите со штетници од типот на бели вошки или мали пајачиња  кои набрзо ќе создадат мрежа и ќе го убијат растението .Затоа е потребно набљудување . Штом забележите и најмали промени по листовите особено ако се работи за пајажинки според моето искуство е најдобро  најпрво да го истуширате расттението под  млаз вода и потоа да ги отстраните пајажинките . Ако убаво сте го измиле би требало пајачињата да ги нема .При туширањето може да отпаднат плодови листови и цветови , но во случајот ова е споредно придржувајте ги само гранките  да не се испокршат . Листовите избришете ги со солфетки. Ако после 2-3 дена почнат да се појавуваат пајажинки мора да одберете инсектицид . Јас користам бубакил бидејќи истиот е неотровен за топлокрвните животни и луѓето но меѓутоа истиот може да остави бели флеки по листовите кои  не исчезнуваат .Друг инсектицид не сум пробала  . Истиов исектицид го решава и проблемот со белите вошки .
Ако растението е купено и поголемко прво што треба да направите е да ја видите земјата и количината на водата . Обично местата од каде купувам цвеќиња  истите ги чуваат во очајна земја и преплавени во вода и јас одма ги пресадувам но ако задоволува земјата тогаш можете да го оставите во истата да се адаптира . Доволен стрес му е што го сменил местото на престој . За да почне да се приспособува ќе му треба околу една  недела

На сликата е едно младо пиперче
Двете заедно младо и старо :)

Tuesday, July 20, 2010

За мојот ѕвер од миленик

Со „малиот“  се запознавме пред околу 10 години. Тогаш случајно влета низ прозорецот од дневната . Јас бев кај баба ми . Откако дознав дека дома имаме папгалче кое мајка ми од страв го затворила во  еден од стакларниците (заградена тераса )  земав кафез од кај баба ми (она ги имаше некоку од претходни папгали) и тргнав дома . Стигнав после половина саат со кафез во една торба и куп просо во ташната . Го уредив кафезот додека  ме гледаше исплашено горе фатен за една од  кваките на прозорот и излегов . Влезе да јаде  и полека влегов и го затворив . Го крстивме Мики . Конечно после долги години молење ми се оствари желбата за било каков миленик . Си добив папагал или папагалот ме доби мене како и да е . Седеше во кафез 3 дена за кои му зборував се и сешто и го набљудував .Дефинитвно ја имаше најмилата папагалска фаца а ги имав видено многу по продавниците . После третиот ден решив да го пуштам од кафезот немав намера да го држам затворен требаше да си има слобода   . Не брзаше да излезе , таму беше сигурен таму му беше и јадењето , во тоа време  и само толку му требаше . Полека почна да  се опушта да излага по малку но не се дружевме не  набљудуваше фатен за кабли , за кваки и за едно цвеќе кое го имавме . Набрзо интересно стана она што ние го јадевме , лебот за почеток  . Потоа стана постојан гостин  на масата . Од леб на компири  сега јаде се месо вклучително и пача која ни јас не ја јадам патлиџани пиперки сирење . Пие млеко кафе капучино јаде и сладолед . Она што е карактеристично што јаде токму од местото каде загризував и јас . Сега редовно ми го тероризира тањирот и каснува буквално од секое местенце . Освен авантурите со јадењето почнаа и некои други како на пример пешки од кујна до дневна што се мои 5 чекори ама на него му требаат повеќе од 30 мин пешачење . Кога спијам во дневна редовно застанува на масата до креветот и ме набљудува , не сум го чула да  пее додека спијам секогаш кога се будам го наоѓам загледан во мене . Често му зборувам ,  полека почнав да му ги препознавам звуците и движењата . Почна самиот да си бара леб  така да дневно сега сме задолжени да му даваме лепче   и тогаш кога ние не јадеме  . И така полека одеше времето кога го каравме зашто извршил нужда таму кај што нетреба кога се галевме . Потоа дојде годината со птичјиот грип . Комшиите сите кои имаа папагали почнаа да ги пуштаат тоа беше страшно . Навистина не можев да ги разберам се  нафатиле  , ги чувале , истите не можеа да заболат  во колку не се во контакт со заболена птица но стравот човечки беше поголем . Бидејќи знаев како птиците а и човекот се заразува со птичји грип знаев дека нема никаква шанса  да се разболе папгалот така да ние продолживме да си уживаме .За тоа време кој и да ми дојдеше на гости или не земаше ништо или ме прекоруваше  да го затворам некаде зашто има обичај да шета по масата . Полека почна да си присвојува работи  па така кога ќе извадевме шоља  за кафе или чаша застануваше до неа  и ги чуваше . Канчињата од јогурт се посебна приказна и негово најголемо уживање ги бутка ги вртка . Бидејќи во собата моја  немав маса за читање често учев во кујната каде што тој ми правеше друштво .Заедно спремивме над 40 испити и повеќе од 20 предмети додека бев во средно . Имаше обичај да застане токму над местото каде што читам , да ја наведне главата  божем и тој чита . Со татко ми се возеа  . Тој ќе решава крстозбор а  папагалот ќе застане врз местот каде  писшува и  ќе чека . Татко ми ќе почне да го нишка  по масата . Мајка ми имаше проблем сите ручеци ги спремаа заедно . Релативно беше тешко да се полни тенџере или сецка нешто зашто „малиот“ влегува токму меѓу рацете и ножот .Тој секогаш знае  и предосеќа кога сум расположена кога сум напната , нервозна па така и се однесува знае кога  играме , а кога нешто озбилно му кажувам и како божем се разбира ќе застане ме загледува вочи и само слуша . Не испушта глас . Дефинитивно е најдобриот слушач.  Деца не сака и воглавном се плаши од нив зашто многу му викаат . Ужива да  гледа низ прозорецот надвор како се движат колите . Само два пати сме имале поголем проблем . Еднаш кога падна позади еден тежок масивен регал и излезе со цел куп прашина и повредено крилце и еднаш позади фрижидер се најде но  тогаш не се повреди. Спие качен  на едно цвеќе кое лози на поставена жица во стакларникот и си ги грицка листовите . Она што е карактеристично сите листови се изгризани до пола . Деновиве му е  жешко ниту му се игра,  најголем дел од  времето го поминува врз аквариумот и го преспива или потпрен на една од саксиите . Добро ќе биде набрзо да залади  мислам ќе му се врати расположението . Дефинитивно го разбранува , разубави животот на сите нас  тројцата дома .

Saturday, July 17, 2010

Kолекција на Љубичици

Секако не моја ја најдов на you tube  . Ме изненадија боитекои одамна ги загледувам по разните фотки на интернет , кои во нашава земја е тешко да се најдат . Барем јас не сум ги сретнала.



Friday, July 16, 2010

Update Сарделите на мајка ми

Во мај месец во еден од  претходните постови (заради сихронизацијата  тука е покасно објавен а напишан во мај )  објавив слики од расцветана сардела која си презими надвор . Сликите  можете да ги видите тука  и секако да ги споредите  со денешните . Вкупно имаме четрири сардели . Овие сардели се останати од претходната година . Повеќе од 10 се исушија  претпоставувам зашто беа директно изложени на сонцето . Колку и да сакаат сарделите сонце кај мене на тераса зраците  паѓаат некако од косо а температурата на бетонот и плочките е  толку висока што бос е невозможно да се оди .  Па така најверојатно заради прегревање на саксиите а со тоа и развивање на  висока температура во земјата каде што овие  растенија без посадени сигурно беше причина за нивно исушување . Па така бидејќи поголемо место под сенка и немаме си останавме  со овие 4 сардели .  3 од нив презимија во влезот и почнаа да цветаат дури пред неполн месец .  . Иако  пупката формира цел круг со расцветувањето тоа никогаш не се случува за разлика од онаа која презими надвор . Ливчињата на цветовите се отвараат еден по друг и додека едни се сеуште во пупка  други веќе овенуваат . Така цветовите естетски баш и не ми се допаѓаат . Подолу се сликите . Ако ги споредите со фотографиите на растението  од  постот во мај мислам дека разликата е очигледна .

Оваа дури има  само едно цветче . Мислам дека има уште некоја пупка погоре  сега

На последните две слики  има дел од цветот од онаа сардела која си ја помина зимата надвор и мислам дека разликата се забележува.За начинот на чување на ова растение во еден од следните постови кога ќе имам повеќе време :)