Сега додека го пишувам постов цветањето и е при крај . Уште неколку дена и ќе го отсечам стебленцето на кое се наоѓаа прекрасните цветови а сега се засушени . Чекав да ги фотографирам сите фази од цветањето пред да го напишам постов . Ме изненади со цветањето не го очекував, можеби затоа толку многу му се израдував . Ја пресадив и очекував мирување а добив награда преубав цвет со преубав мирис . Ја чувам само 2 и пол години . За неа пишував во вториот пост беше многу малечка т.е едно малечко стебленце кое се бореше за живот , а сега е вистинско дрво . Кога ова растение го купувате од цвеќара едни може ќе ви речат дека не цвета а дека му се преубави листовите , другите кои се поупатени ќе ви речат доколку цвета да го отсечете стебленцето уште веднаш за да не скапе оттаму и за да продолжи да расте нагоре . Со вторава констатација се сложувам делумно . Точно е дека стебленцето на цветовите може да биде место од каде ќе тргне скапување , но јас лично не се сложувам со негово предвремено отсекување зашто да се види и доживее цветот на Dracaena (Дрво на живот ) , не само што е вистинска реткост туку и вистински благослов ,а да не почнувам дека предвременото отсекување е нарушување на природниот развој на растението .
Да онаа малечка Dracaena за која пишував во неколку наврати процвета овој месец . Кога прв пат ја забележав пупката ме обзема силна радост и веднаш се сместив пред компјутерот и почнав да барам информации . Наидов на неколку форуми каде пишуваше дека нејзиното цветање во саксија е вистинска реткост со просечно појавување на 7 години . Ретки беа написите (се на се 5-6) од некои сопственици кај кои цветот се појавил после три четири или пет години . Кај мене се појави на две години и околу 6 месеци старост на растението .
Најпрво се појави едно топче на мало стебленце со неколку пупки на него и си реков во ред за малата возраст на растението е доволно . Но стебленцето растеше се појавија и други такви топчиња . Го погледнував секој ден пупките се зголемуваа но сеуште не се отвораа .Случајно едно попладне повторно седев пред компјутерот кога почувствував еден преубав мирис .Тоа беше сладуњав релативно јак мирис кој потсетуваше на мирисот на хојата и на еден мој парфем од јасмин . Излегов надвор ,а таму ме пречекаа неколку отворени цветчиња . Тогаш сфатив дека кога во наредните неколку денови ќе се отворат сите цветови навистина ќе биде како да имам истурено парфем по дома . Цветовите беа мали ситни распоредени во групи со мали тенки бели ливчиња од чија средина штрчеа прашниците , но може да бидат и поинакви во зависност за кој подвид станува збор . И сега кога полека мирисот исчезнува , а белите цветови стануваат кафеави и засушени се надевам дека и следната година ќе ме почасти со ваков цвет .
Вака изгледаше кога прв пат ја забележав пупката
Вака изгледаше целото гранче со пупките
Фотографијата е направена кога прв пат го почувствував мирисот
Вака изгледаа цветчињата
Засушување
Колку за споредба следнава слика е од јуни 2009 направена веднаш откако бев уверена дека Dracaenata ќе се спаси и истата може да ја видите во постот „Спасената Dracaena “
Претходни постови каде сум пишувала за оваа Dracaena со фотографии може да видите
овде и
овде